Врховниот суд во Шпанија издаде европски налог за апсење на поранешниот лидер на Каталонија, Карлес Пучдемон.
Барањето за апсење на Пуџдемон следува откако судот претходно ги осуди каталонските сепаратисти на затворски казни од 9 до 13 години, поради нивната улога во неуспешното прогласување независност на Каталонија во 2017 година.
Највисока казна доби Поранешниот претседател на каталонската Влада Ориол Хонкурес кој е осуден заради бунт и злоупотреба на јавните фондови. Тројца други обвинети се прогласени за виновни само за непослушност и не добија затворски казни. За време на судењето каталонските лидери изјавија дека се невини и дека им се суди од политички причини.
Поранешниот лидер на регионалната каталонска влада Карлес Пуџдемон ја нарече свирепа пресудата на Врховниот суд на Шпанија.
„Време е за реакција… за иднината на нашите синови и ќерки. За демократијата. За Европа. За Каталонија.“ – напиша Пуџдемон на Твитер.
Преставници на каталонските партии ги повикаа жителите на регионот на граѓанска непослушност доколку нивните лидери не се ослободат. Голем број на жители на Барселона излегоа на улиците на градот во знак на протест против одлуката на Врховниот суд. Според Каталонските медиуми, тие се собираат на некои од клучните локации во каталонскиот главен град, меѓу кои и пред зградата на локалната власт. Зајакнато е и полициското присуство во градот.
Ова е само првиот чекор и ќе следуваат уште многу во иднина. Имаме за цел да го победиме системот и да станеме нова држава. Поддршка до затворените Каталонски лидери пристигна и од фудбалскиот клуб Барселона кој ја осуди одлуката на Врховниот суд да се изрече драстични затворски казни на борците за независност на Каталонија.