Во рамките на 141. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 13 до 17 октомври во Белград, Претседателот на Собранието,Талат Џафери, се сретна со претседателот на иранскиот Парламент, Али Ардешир Лариџани.
Претседателите Џафери и Лариџани изразија задоволство од реализирањето на првата билатерална средба меѓу претседателите на Парламентите на Република Северна Македонија и Исламската Република Иран во рамките на овој значаен мултилатерален форум.
Претседателот Талат Џафери посочи дека економските односи меѓу Северна Македонија и Иран се далеку под можностите за реална економска соработка, иако се создадени предуслови за нејзина диверзификација. Тој нагласи дека договорната состојба е солидна, со склучени осум договори и спогодби, но потребно е да се направат дополнителни напори за да се надминат пречките во економската соработка. Истовремено, Џафери укажа дека постои простор за унапредување на соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Исламскиот парламент на Иран, како и културната соработка меѓу двете земји, во согласност со Договорот за културна соработка.
Претседателот на Собранието, Џафери, информираше за актуелните состојби во врска со евроатлантските интеграции на Северна Македонија, односно очекувањата за добивање на датум за започнување на пристапните преговори со Европската Унија и за интегрирањето во НАТО, како триесетта земја членка на Алијансата.
Лариџани, ја истакна важноста за започнување на поинтензивен дијалог меѓу Исламската Република Иран и Република Северна Македонија, особено во доменот на економската соработка. Со цел унапредување на економските односи и проширување на соработката меѓу двете земји во полето на индустријата, земјоделството и рударството, според Лариџани, неопходно е најпрво да се разрешат банкарските прашања. Следниот чекор би бил проширување на соработката меѓу стопанските комори. Тој оцени дека либерализацијата на визниот режим меѓу Иран и Северна Македонија не треба да биде ограничен само на носителите на дипломатски и службени пасоши, туку треба да се прошири за сите граѓани. Претседателот на Иранскиот парламент посочи дека ќе му даде инструкции на министерот за култура на Иран да ја следи состојбата со спроведувањето на Договорот за културна соработка. Исто така, Лариџани изрази интерес за напредокот што го постигна Република Северна Македонија во разрешувањето на отворените прашања со соседите.
На крајот од средбата беше истакнато значењето на парламентарната дипломатија во унапредувањето на билатералните и мултилатералните односи, политичкиот дијалог и динамизирањето на севкупната соработка меѓу земјите.