– Италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо денеска потврди дека земјата ќе усвои уредба со која се суспендира извозот на оружје во Турција, но и оти ќе ги преразгледа и постоечките договори за продажба на оружје со Анкара.
Во обраќање во Долниот дом на италијанскиот Парламент, тој рече дека Турција треба да ја прекине офанзивата против курдските сили во Сирија.
– Турција единствена е одговорна за ескалацијата. Таа мора веднаш да ги прекине воените операции, додаде Ди Мајо.
Според него, офанзивата има „уништувачки ефект на хуманитарно ниво”.
Ди Мајо изјави дека Италија е благодарна на сириските Курди за нивната борба против таканаречената Исламска држава, но и оти турската офанзива би можела да помогне движењето повторно да оживее во Сирија.