Помалку од половина од граѓаните или 47,7 % се оптимисти дека Македонија, неделава ќе добие зелено светло за старт на преговори-покажува најновата анкета на Евротинк. Според бројките, од март до септември, довербата на граѓаните опаднала за 11,8 % дека земјава ќе стане членка на ЕУ во наредните 10 години.
Сепак поддршката за членство и понатаму останува голема-околу 60 проценти се „ ЗА“, а 70 % сметаат дека би имале придобивки од него. Според анкетата голема улога игра етничката и партиската припадност. 90% од Албанците сакаат да ја видат земјава во ЕУ, за разлика од Македонците каде бројката е за 20% помала. Од евротинк велат дека доколку не добиеме датум за преговори, довербата на граѓаните значително ќе опадне.
Бројките покажуваат и дека граѓаните не ја гледаат Франција како непријател. За нив, традиционално, тоа се соседите. Според анкетата, за големи непријатели споредбено со лани граѓаните ги чуствуваат Бугарите, а ваквото мислење владеело по условувањата кон земјава непосредно пред одлуката на Советот на ЕУ.
Анкетата е направена телефонски, од 27 септември до 14 октомври врз 1000 испитаници.