Во рамките на 141. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 13 до 17 октомври во Белград, делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија предводена од претседателот Талат Џафери, денеска се сретна со делегациите на Мексико и на Босна и Херцеговина во ИПУ.
– На средбата со делегацијата од Мексико, предводена од Лаура Анхелика Рохас Ернандез, претседателка на Претставничкиот дом, беше истакнато дека и покрај големата географска оддалеченост, постојат бројни можности за зацврстување на меѓупарламентарната соработка на Северна Македонија и Мексико, особено во рамките на Интерпарламентарната унија, како и на билатерално ниво. Меѓу двете земји постојат иницијативи за конкретна соработка, особено во три полиња: економијата, туризмот и културата, како и заеднички интерес за унапредување на договорната правна рамка, соопшти собраниската Прес-служба.
Отворањето на Почесниот конзулат на Мексико во Скопје било оценето како значаен чекор во унапредувањето на севкупната соработка меѓу двете земји. На средбата серазговарало и за потребата за укинување на визите за влез во Мексико за граѓаните на Република Северна Македонија, со цел продлабочување на билателните односи во сите полиња од заеднички интерес. Ернандез упатила честитки за потпишувањето на Спогодбата од Преспа, со што се отвори патот на евроатлантските интеграции на Северна Македонија.
На средбата со Небојша Радмановиќ, заменик на претседавачот на Претставничкиот дом и Никола Шпириќ, заменик на претседавачот на Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, било изразено взаемно задоволство што одличните билатерални односи меѓу двете земји се потврдени со засилената динамика на размена на посети на високо и највисоко ниво.
– Беше истакнато дека заложбите за збогатување на соработката во сите области од заемен интерес се заемни, а особено во делот на европските и евроатланските интеграции и размената на искуства на овој план. Исто така, беше нагласена потребата од засилување на економската димензија на билатералната соработка и креирање поволни услови за нејзин непречен развој. Стана збор и за неопходноста за подобрување на инфраструктурното поврзување во регионот, како и значањето на збратимувањето на повеќе градови од Северна Македонија и Босна и Херцеговина, се додава во соопштението.
На средбата било констатирано дека постои простор за унапредување на парламентарната соработка меѓу двете пријателски земји, со взаемни посети на претседателите на парламентите и пратеничките групи за пријателство и соработка.