Романскиот претседател Клаус Јоханис денеска го номинира претседателот на Националната либерална партија (НЛП), Лудовик Орбан за премиер.
– По консултациите со парламентарните политички партии и формации, дојдов до заклучок, што го објавив по првиот круг консултации: да се формира влада со НЛП. Лично, мислам дека предвремените избори се решението, но не сега со привремената влада на Дончила. Секој ден со оваа неуспешна влада е изгубен ден за Романија. Затоа решив за следен премиер на Романија да го номинирам Лудовик Орбан, претседател на НЛП, лидер на најголемата опозициска партија, главен иницијатор на иницијативата за недоверба. Така е правилно од гледна точка на демократијата, рече претседателот Јоханис.
Според уставот, во рок од 10 дена од номинирањето, номинираниот треба да изготви список на членови на кабинетот и програма за работа и да ги испрати до Парламентот.
– Се надевам дека сите политички фактори ќе разберат дека ние сме во политичка криза и дека што е можно побрзо треба да се стигне до задоволително решение, истакна Јоханис.
Минатиот четврток беше изгласана недоверба на левичарската влада на Социјалдемократската партија, предводена од премиерката Виорика Данчила.