Заменик министерот за здравство, Асим Муса, ја напушта функцијата откако во медиумите беше објавена видео снимка, направена од албанска телевизија, а на која се гледа како прима пари на рака од пациент од Албанија.
-Се повлекувам од функцијата заменик министер за да ја расчистам оваа дамка против мене. Продолжувам и понатаму да им служам на граѓаните на нашата земја и пошироко – рече тој.
Муса тврди дека наседнал на стапица и на денешната прес конференција изјави дека станува збор за пари кои треба да ги плати за интервенција секој странски државјанин.
-Мојот искрен обид да им помогнам на пациентите се претвори во стапица за спектакл на медиумите. При постојаното барање на пациентот, го информирав дека интервенцијата за странски граѓанин, кој не е осигуран во нашата држава е приватна. Го информирав за можниот износ на интервенцијата на неговото прашање за пакетот – рече Муса.
Како што рече тој со објавување на снимката, против него се води медиумска хајка.
-Токму овие пациенти постојано се обидуваа да приредат стапица против мене во било која форма. Посветеноста, професионалноста и искреноста наспроти медиумското дивеење и жед за спектакл не можат да надвладеат. Секој граѓанин од Република Албанија кому сум му служел, јасно знае дека ова е стапица. Нема да дозволам цели овие 23 години инвестиција во мојот професионален и фамилијарен кредибилитет да биде нарушена на ваква намерна стапица, бомбастички со лажни наслови кои не се ништо реални, како може да се види во снимката – додаде тој.