Американскиот полицаец, кој минатиот викенд уби жена, е уапсен и обвинет за убиство. Полицаецот Арон Дин, во петокот ноќта, поради повик за можна провала, пукаше преку прозор од спалната соба на 28-годишната Ататјен Џеферсон, во градот Форт Ворт.
Со неа во тој момент бил и нејзиниот 8-годишен внук, со кого си играле видеоигри, додека нејзината мајка била во болница.
Загрижен сосед забележал дека нивната врата е отворена во сред ноќ. Повикал полиција, која набрзо дошла на местото на настанот. На снимките од камерата од полициските униформи, може да се види како Дин пука во жена само 2 секунди откако ја предупреди дека ќе ја отвори вратата.
„Крени ги рацетет! Покажи ги рацете!“ се слуша како вика полицаецот, кој притоа не се идентификувал како службено лице.
Џеферсон била прогласена за мртва неколку минути подоцна.
Од полициската станица во Форт Ворт соопштија дека Дин пукал од пиштол откако воочил закана, но не е наведено поради што се чувствувал загрозено. По убиството дал оставка и сега го чека судење.
Градоначалничката на Форт Ворт, Бетси Прајс, убиството го прогласи за неоправдано.