Новиот документарен филм за животот на Рони Вуд (72), долгогодишен член на неуништливиот бенд „Ролинг стоунс“, отворено се осврнува на темата за пороците. Името на филмот е малку симболично, Someone Up There Likes Me, што најдобро кажува како Вуд гледа на последните децении од својот рокерски живот исполнет со дрога.
„Искрено, тоа што сум жив е еднакво на светско чудо. Првото прашање што гледачите ќе си го постават е: ‘Леле, како тој го преживеа сето ова’“, рече Вуд на филмската премиера во Лондон.
Документарецот носи многу анегдоти од турнеи, снимања и проба, а гитаристот признава дека повеќето негови познајници и пријатели со кои споделувал сличен животен стил не преживеале.
Неуништливиот гитарист на „Стоунс“ го победи ракот на белите дробови и ја преживеа долгогодишната зависност од алкохол и дрога. Тој тврди дека пред девет години успеал да се ослободи од пороците и оттогаш живее сосема поинаков живот. Вуд е во брак со театарската продуцентка Сали (41), со која ги има тригодишните близначки Алис и Греси.