Руската сајбер-шпионка од скандалот со велешките лажни сајтови приведена во Минск

Руската државјанка и осомничена сајбер-шпионка, Ана Богачева, на која САД ѝ наметнаа санкции поради наводно мешање во изборите, и чие име се споменуваше и во истрагата за скандалот со веб-страниците за лажни вести од Велес за изборите во САД, е приведена во Минск.

„Богачева беше приведена во хотел во Минск завчера околу 22:00 часот. Таа беше со сопругот и нивното мало дете со кои била на одмор. Адвокатот на Богачева вели дека таа е притворена на барање на САД, како дел од случајот „мешање во изборите“, вели изворот на „Спутник“.

Богачева наводно веќе е во контакт со руската амбасада во Белорусија, но сè уште нема официјална потврда за тоа.

Името на Богачева се поврзуваше и со групата во Велес, која за време на американските избори предизвика скандал со веб-страниците со лажни вести, за што беше отворена и истрага. Една недела пред денот на изборите во САД, во 2016 година, „Базфид“ откри дека во Велес се регистрирани повеќе од сто веб-страници, кои објавуваа лажни и вирални вести за поддршка на тогаш кандидатот за претседател, Доналд Трамп.

Последователното истражување спроведено од Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP), „Базфид“ и Истражувачката репортерска лабораторија – Македонија откри дека припадници на руските т.н. трол-фабрики кои се дел од обвиниението на специјалниот иследник од САД, Роберт Милер, доаѓале во Македонија само три месеци пред креирањето на првите сајтови со лажни вести.

Истрагата откри дека барем еден член на руската „фабрика на тролови”, Ана Богачева, била во Македонија пред да биде регистриран првиот веб-домејн. Имиграционите записи покажуваат дека Богачева била во Македонија во средината на 2015 година, ја напуштила земјата преку копно во Грција на 26 јуни таа година, но, нема записи за нејзиното влегување во земјата.

Новинарите не најдоа доказ што го поврза доаѓањето на Богачева со велешките веб-страници, но македонските разузнавачки и правосудни агенции сега наводно соработуваат со правосудни органи и агенции од САД во најмалку две западно-европски држави со намера да истражат дали можеби постојат евентуални врски со Русија.

Богачева е една од 13-те руски државјани обвинети за наводно мешање во изборите во САД од страна на Милер. Обвинението се фокусирало на улогата на „фабриката за нарушување на углед“ со седиште во Санкт Петербург. Станува збор за Агенција за истражување на интернетот, која што создавала онлајн пропагандни материјали и ширела пораки преку социјални мрежи, за да му помогнат на Трамп до изборна победа.​

Во обвинението стои, дека Богачева во минатото раководела со одделението за анализа на податоци во таа Агенција. Во соработка со друга вработена во Агенцијата, Богдачева наводно патувала низ САД во период од три недели, во текот на јуни 2014 година, создавајќи разузнавачки извештаи кои ги проследувала до претпоставените во Агенцијата. Точно една година подоцна, Богачева допатувала во Македонија.

На новинарски прашања поставени преку „VKontakte“ да ги објасни причините за посетата на Македонија во 2015, Богачева одбила да одговара на прашања со коментар дека „не разговара за прашања поврзани со нејзината работа”.

Русија во неколку наврати беше обвинета за манипулирање со гласовите на САД во 2016 и 2018 година преку дослух со претседателот Доналд Трамп и неговата кампања. Последователната двегодишна истрага за тврдењето покренато од американскиот специјален советник Роберт Милер заврши оваа пролет, но не откри докази за дослух меѓу Москва и Трамп.

Без одговор се и прашањата со кого Богачова имала контакти во Македонија, кој ѝ дозволил да ја напушти земјата ако веќе немало запис дека легално влегла, и каква е нејзината улога во креирањето други „фабрики на тролови“.

 

Треба да знаете
Последни објави