По десет години истражување на археолошкиот локалитет „Билазора” кај Свети Николе, сега се бара конзервација на она што е пронајдено на самиот терен. Музејот на Свети Николе има проект, а акцент ќе се стави на акрополот и кралската палата, каде што се пронајдени и фрески кои се четири века пред Христа.
Директорот на Музеј на Свети Николе, Александар Данев вели дека се што е сработено во периодот од 2008 до 2018 година може да се види на постојната поставка во Музејот.
Проектот за конзервација на овој археолошки локалитет, којшто е единствен во државата и е прогласен за Споменик на културата е готов и сега се бараат средства од Министерството за култура да почнат конзерваторските работи на самиот локалитет, а во овој процес е вклучен Институтот за археологија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј”, како и археoлози од Велика Британија.
– Најлесниот дел во археологијата е да го отвориш, потешкиот дел е да го конзервираш она што е отворено, бидејќи кога имате нешто под земја 2.400 години и кога ќе го отворите, тоа е изложено на надворешни влијанија. Значи потребна е итна конзервација, што ние сега со овој проект сакаме да го направиме, а оваа палата е многу важна и таа е една од трите слични палати, коишто се наоѓаат во нашето соседство, од архаичен тип е и е многу важна за нашата култура, но е и дел од светското културно наследство, вели Данев.
Билазора се смета дека бил главен град на Пајонците, а постоел од седмиот до вториот век пред нашата ера. При истражувањата пронајдени се различни предмети од керамика, бронза и сребро, но и предмети кои сведочат како Пајонците ги граделе своите живеалишта.
Во Музејот во Свети Николе можат да се видат 300 предмети и дијарама, на којашто сликовито е претставен локалитетот и што се е истражено. Локалитетот се протега на 32 хектари, кралската палата е истражена само една третина, а поголемиот дел од локалитетот не и ниту истражен.
Данев вели дека следно што треба да се направи е Стратегија, како и од каде да се истражува на Билазора.