Меѓународниот Договор од Преспа е ратификуван и стапи во сила, па според тоа, не може да се менува своеволно, пишува министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас во одговор на пратеничко прашање на Андониос Милонакис од партијата Грчко решение, во однос на тоа дали може да се поништи Договорот од Преспа, jави дописничката на МИА од Атина.
– Меѓународниот Договор од Преспа, како што е познато, е ратификуван од грчкиот Парламент и стапи во сила од 12 февруари годинава. Според тоа, не се менува своеволно. Впрочем, државата има континуитет. Покрај тоа, основниот принцип на меѓународните односи „pacta sunt servanda” треба да се почитува од сите на меѓународната сцена, вклучувајќи ги и нашите соседни држави. Како што веќе беше нагласено, Министерството за надворешни работи внимателно и темелно го следи целосното и доследното спроведување на договорот. Кога се забележуваат доцнења, недостатоци или нарушувања во спроведувањето од друга страна, се преземаат сите соодветни активности, вклучително и демарши, објаснува Дендиас во писмениот одговор.
Пратеникот од Грчко решение во неговото прашање вели дека „името Северна Македонија што произлегува од Договорот од Преспа прекршува едно од индивидуалните права на грчкиот граѓанин” и прашува зошто не постои можност за поништување на договорот кога, како што тврди тој, Скопје „не се придржува кон обврските од договорот и ја задржува климата на иредентизам за кој што извор е Уставот на земјата”.