Регионот треба да размислува за заедничка социјална платформа и треба да размислува за заеднички политики за заеднички социјални политики кои ќе донесат до благосостојба за сите. Верувам дека ќе успееме сите заеднички да го направиме тоа. Денеска ја објавивме новата минимална плата таа сега ќе биде 14.500 денари. Обврска ни е да работиме на сите нивоа на подобрување на животот на најсиромашните работници и воопшто на сите граѓани. Ова го истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, во завршното обраќање на дводневната регионална конференција во Скопје „Ефективна социјална заштита: поддршка на деца, семејства и заедници во борбата против сиромаштијата“.
Во рамки на конференцијата денска се одржаа три панел дискусии, со фокус на темите: јакнење на семејства, поликики, трансфери и услуги, грижа во заедницата: гласот на давателите и корисниците на услуги и бездомништво и социјално домување.
Меѓу заклучоците се издвои дека системите на социјалната и детската заштита треба да се фокусираат на зајакнување на семејството. Затоа треба да Градиме интегрирани социјални системи коишто овозможуваат достоинствен живот за нашите граѓани, а не само преживување.
Како прва и основна мерка на политиките кон семејствата е ГМП, која треба да биде доволно висока да им обезбеди на семејствата излез од апсолутната сиромаштија и да им даде подостоинствени услови за живот, а со тоа и мотивација и желба самите да направат нешто за себе си. Активацијата е основна економска алатка која единствено може трајно да го обезбеди излезот на семејството од магичниот круг на сиромаштија, но и да создаде чувство за самопочит, самодоверба и преземање на сопствената судбина во своите раце.
Во однос на бездомништвото и социјалното домување, се истакна дека различни земји се соочуваат со различни форми на бездомништво и различни ранливи групи се засегнати од овој проблем. Треба да се работи на интеграција на лицата бездомници и да се вклучат во општествениот процес и социјалниот живот. Токму затоа мобилните тимови на Центарот за социјални работи ги интензивираа работите на терен. Единствен начин да ги детектираме и да почнеме да ги решаваме проблемите со кои се соочуваат децата на улица е да работиме одблизу со нив и нивните семејства.