Максимално сме посветени кон обновливите извори на електрична енергија и наскоро ќе ја достигнеме бројката од 200 мегавати од фотоволтаици, како што најавивме на почетокот на функционирањето на оваа Влада, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
– Во државата само врз основа на двата јавни повика што веќе завршија ќе се изградат фотоволтаични електрани со инсталирана моќ од 62 мегавата, следната недела ќе биде потпишан и договорот со ЕСМ за изградба на 10 мегавати во РЕК Осломеј, а во тек е и подготовката на тендерска документација за два лота по 50 мегавати или вкупно 100 мегавати што ќе се градат на местото на рудникот Осломеј. Има најава дека и РЕК Битола подготвува фотоволтаична електрана од 20 мегавати, изјави Анѓушев по завршувањето на јавното отворање на понудите за изградба на фотоволтаици на приватно земјиште.
Тој нагласи дека со тоа РЕК Осломеј ќе биде првиот пример во нашата држава за енергетска транзиција.
– Со Законот за енергетика и со давањето можност на градење на обновливи извори на електрична енергија се покажа дека во тендерските постапки кои ги направивме максимално транспарентно се појави голема конкурентност и голем интерес за градење на фотоволтаици. Пред извесно време претходеше тендерот за изградба на 35 мегавати на државно земјиште на кој имаше интерес од над 80 компании. Денеска се отвори тендерот за изградба на приватно земјиште за сите големини и категории на електрани почнувајќи од најмали, па се до три мегавати. На јавното отворање беа отворени 41 понуда за кои немаше никакви забелешки, рече Анѓушев.
Вицепремиерот прецизира дека приватното земјиште е поделено во четири категории – електрани од 0 до 200 киловати каде има 11 понуди, од 201 до 500 киловати има 10 понуди, од 501 до 1.000 киловати или еден мегават има 19 понуди и од 1.001 до 3.000 киловати, односно три мегавати има четири понуди.
Анѓушев потсети дека во државата досега биле изградени фотоволтаици од само 18 мегавати и додаде дека очекува првите фотоволтаични централи што ќе работат со премиум тарифи да почнат да функционираат веќе од наредната година иако сопствениците ќе имаат рок од три години да ги реализираат.
Во одговор на прашање тој посочи дека со изградбата на новите 200 мегавати фотоволтаици се очекува за пет до 10 отсто да се намали потребата за увоз на електрична енергија во земјава.
Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека кога беше најавен новиот модел со кој се премина од фидинг на премиум тарифи имаше многу скептицизам дека ќе може да функционира, но денеска како што рече се докажа спротивното.
– На првиот јавен повик од 11 локации во седум од нив имаме понуди за „0″ премиум, а убеден сум дека и денеска имало такви. Тоа покажува дека нема да ја зголемиме цената на електричната енергија што се произведува од обновливи извори, но истовремено и дека нема да издвојуваме големи средства од Буџетот за нејзино субвенционирање, а ќе го зголемиме производството од обновливи извори на енергија, рече Бектеши.