Подигање на свеста за одговорно користење на интернетот, за запознавање на опасностите кои тој ги крие и превенција и сузбивање на некоректното користење на интернетот и на злоупотребата, особено насочена кон малолетните корисници е целта на Патувачката училница „Живот на социјалните мрежи” (Una vita da social), која во рамки на Фестивалот „Џифони-Македонија” денеска беше поставена во Градскиот парк.
Патувачката училница ја посетија министрите за информатичко општество и администрација, за внатрешни работи и за образование и наука Дамјан Манчевски, Оливер Спасовски и Арбер Адеми и италијанскиот амбасадор Карло Ромео, кој истакна дека станува збор за проект кој што се одвива веќе шест години во Италија и има постигнато многу добри резултати.
-Во Италија за шест годинин училницата ја посетија преку два милиони ученици и 220.000 наставници. За само шест дена на нејзиниот престој во Скопје училницата че ја посетат преку 1.200 ученици од основните државни и приватни училишта, како и од средните училишта од Градот. Се надевам дека од ова гостување тука ќе се воспостави уште подбора соработка на полето на сузбивање на злоупотребата на интеренетот, рече амбасадорот Ромео.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заблагодарувајќи се на италијанската Влада за споделувањето на овој проект, истакна дека многу е важно да се развијат механизми за безбедно користење на интернетот, да има свесност за сите опасности кои се кријат на социјалните мрежи и најважно, да се знае кога и каде треба да пријавиме доколку имаме какво било насилство или незаконско дејствување на одредени поединци кои учествуваат во тој виртуелен свет.
-Како Влада настапуваме заедно со МОН и МИОА. Тоа покажува дека само преку еден мултиресорски пристап ќе можеме да имаме успех на ова поле. Праксата која ја има Италија и резулчтатите кои ги имаат постигнато треба да биде само мотив повеќе да се развијат такви механизми во рамки на македонското образование и во тој дел да направиме сите заедно и превентивно да делуваме и да имаме механизми како да ги санкционираме сите оние кои го узурпираат тој простор на социјалните мрежи соодветно да одговараат за нивните постапки. Најважно е да ги едуцираме децата, дека тоа треба да го пријават и кај своите родители но и во институциите, а во МВР тоа е одделот за сајбер криминал, рече Спасовски.
Училницата е дел од европскиот проект „Поврзани генерации” – Безбеден интернет центар, координиран од италијанското Министерство за образование и наука, а во изведба на експерти од Одделението за безбедност во комуникациите при италијанското Министерство за внатрешни работи.
Одделението за безбедност во комуникациите при италијанската Полиција, како што се наведува, одлучи првата и единствена годинава меѓународна активност во рамките на проектот да биде спроведена токму во Северна Македонија, за време на фестивалот „Џифони Македонија”.
Од 12 до 17 октомври патувачката училница Una vita da social – Живот на социјалните мрежи престојува на повеќе локации во градот и во неа се изведуваат интерактивни едукативни средби во кои експертите им илустрираат на слушателите како интернетот може да се користи на полезен и безбеден начин, преку запознавање со најнепредвидливите замки и навремена превенција и заштита од можни злоупотреби.