Леклер е многу подобар од Макс Верстапен, објави поранешниот пилот на Ферари, Еди Ирвајн.
Пилотот од Монако импресионираше со својот настап во првата година за „Скудерија”, откако веќе освои 2 трки и на уште неколку беше многу блиску до победа.
За него и холандската sвезда на Ред Бул се смета дека ќе доминираат во Формула 1 во наредните години и Ирецот е многу импресиониран од него.
– Нема сомнение дека Шарл е многу подобар од Макс. Четири пати по ред ја освои пол-позицијата без да има најдобар автомобил, извинете Ферари. Макс има многу повеќе искуство од него, но сепак прави глупави грешки. Шарл е многу поконцентриран и попресметлив. Можеше да има уште неколку победи без најсилниот автомобил, што кажува многу. На Монца беше неверојатен против Хамилтон, иако неговите постапки можеби не беа 100% по правилата. Тој е исклучително силен пилот и за мене нема дискусија дека тој е многу подобар од Верстапен, додаде тој.