Нилс Мелцер: Асанж е подложен на психолошка тортура

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, е подложен на психолошка тортура и неговите права на редовна законска постапка се систематски повредени од сите вклучени држави, тврди специјалниот известувач на Обединетите нации за тортура, Нилс Мелцер, пренесува РТ.

Двајца медицински експерти го придружуваа Мелцер кога го посетил Асанж во затворот „Белмарш“ во Велика Британија.

„Дојдовме до заклучок дека тој подолг временски период бил изложен на психолошка тортура. Тоа е медицинска проценка“, рекол Мелцер на прес-конеференцијата во седиштето на ОН во Њујорк на која присуствувале мал број новинари.

Ова не е прв пат Мелцер да се обиде да го сврти вниманието кон маките на Асанж. Тој напиша колумна за тоа во јуни, но таа беше игнорирана или отфрлена од мејнстрим-медиумите, а потоа во јули објави отворени писма до владите на САД, Британија, Еквадор и Шведска.

„Побаравме сите инволвирани држави да го испитаат овој случај и да го ублажат притисокот што е извршен врз него, а особено да се почитуваат неговите права за време на постапката, кои според мое мислење биле систематски повредени во сите овие надлежности. Ниту една земја не се согласи да го стори тоа иако тоа е нивна обврска според Конвенцијата за тортура“, рече Мелцер.

Британската полиција го уапси Асанж од еквадорската амбасада на 11 април, откако владата на претседателот Ленин Морено му го одзеде азилот доделен во 2012 година. Асанж помина скоро седум години во амбасадата во Лондон, каде што побара прибежиште од апсење и екстрадиција во САД по обвиненија од 2010 година поврзани со објавување највисоки тајни владини документи поврзани со војните во Ирак и Авганистан.

Асанж беше притворен, а подоцна и осуден на казна од 50 недели затвор за прекршување на условите за кауција во установа со максимално обезбедување која се користи за сместување терористи, убијци и други криминалци од висок профил.

Иако тој требаше да биде пуштен на слобода на 22 септември, судијата пресуди дека Асанж ќе остане затворен во исчекување на рочиштата за неговата екстрадиција во САД, закажани за февруари 2020 година. Ако биде екстрадиран во САД и осуден, Асанж се соочува со 175 години затвор.

 

Треба да знаете
Последни објави