Австрискиот дипломат и поранешен висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Волфганг Петрич, позитивно ја оцени иницијативата за отстранување на бариерите во соработката на Србија, Северна Македонија и Албанија, во истовреме кога во Европската Унија се подигаат граници.
– Бев позитивно изненаден кога трите соседни земји, кои имаат силна економска соработка, решија да се впуштат во „малиот Шенген”, во време кога во Западна Европа, во рамките на ЕУ се подигаат граници, изјави Петрич за Танјуг.
Тој смета дека оваа иницијатива е многу корисна на патот кон ЕУ и дека соработката по иницијатива од регионот е она што е потребно за Западен Балкан.
– Потребни се сопствени иницијативи на Балканот, кои се во духот на европското обединување, истакна Петрич.
Тој ги отфрли како неосновани претходните стравувања на одделни земји во регионот дека регионалната економска заедница може да биде пречка на патот кон ЕУ, нагласувајќи дека треба да се искористат сите понудени можности, во смисла на интеграциите.
– Регионалната интеграција на Балканот е јасен предуслов за поголема европска интеграција. Верувам дека таа не е пречка, туку дека може да придонесе преку соседската политика да се проба она што подоцна ионака ќе биде потребно во ЕУ, објасни Петрич.