Косовскиот премиер во оставка, Рамуш Харадинај на Фејсбук објави дека нема да биде пратеник во новиот состав на косовскиот Парламент, пренесе приштинскиот дбевен весник „Зери”.
Харадинај соопшти дека неговото место ќе го заземе партиски колега, но дека тој и натаму ќе биде партиски лидер на „Алијанса за иднината на Косово” (ААК), која, според него, има потреба од реформи.
„Своето место во парламентот им го оставам на колегите, но ќе продолжам да ги држам отворени вратите на „Алијансата” за нужната реформа, која беше побарана од народот”, напиша Харадинај.
ААК, предводена од него, и Социјалдемократската партија (СДП), кои заедно се натпреваруваа на предвремените избори на 6 октомври, освоија 11,57 отсто од гласовите и се најдоа на четвртото место по Движењето Самоопределување, Демократската лига на Косово (ЛДК) и Демократската партија на Косово (ПДК).