Од 22 до 24 октомври Царинската управа ќе биде домаќин на најзначајната конференција на Светската царинска организација – ПИКАРД (Партнерство во царинското истражување и развој), која ќе се одржи во хотелот „Хилтон“ во Скопје. На конференцијата се очекуваат околу 200 гости од повеќе од 50 земји, царински експерти и академици кои ќе ги презентираат своите истражувачки трудови. Темата на годинешната 14-та ПИКАРД конференција, која се организира во соработка со Светската царинска организација и Економскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје е „Паметни граници за непречена трговија, патување и транспорт“, со што се потврдува определбата на царинските администрации ширум светот за непречено движење на стоки, патници и транспортни средства преку границите.
Останати теми кои ќе се обработуваат на конференцијата, преку излагања на научни и практични трудови, ќе бидат: Анализа на големи податоци – Big Data Analytics, Координација и соработка на границите, Прекугранична Е-трговија, Специјални економски зони, Технологија на граничните премини и Намалување на протекционизмот.
Од името на Владата на Република Северна Македонија, конференцијата ќе ја отвори Премиерот г. Зоран Заев, а поздравни говори ќе имаат и Директорот на Царинска управа, м-р Ѓоко Танасоски, Генералниот секретар на Светска царинската организација Кунио Микурија и Ана Чо – Директор на Корејската царинска служба.Изборот на Светската царинска организација, Република Северна Македонија да биде земја домаќин на оваа престижна конференција, е потврда за реформскиот напредок и посветеноста на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за финансии и Царинската управа за вклучување во глобалните синџири на светската економија, модернизација на царинското работење и олеснување на трговијата.
Инаку, Светската царинска организација секоја година, во различни делови од светот, ја организира ПИКАРД конференцијата во соработка со царинската администрација на земјата домаќин. Досега земји – домаќини биле Турција, Швајцарија, Мароко, Русија, Мексико, Азербејџан, Филипини, Тунис и др. ПИКАРД конференциите се одлична можност за вмрежување на научниот кадар од царинските администрации ширум светот, а истовремено секој научен труд претставува основа за одговор и прилагодување на политиките на царината кон современите барања на трговијата и размената на стоки и услуги. Официјалното отворање на конференцијата е на 22.10.2019 година од 10:00 до 11:00 часот. За повеќе информации, Ве молиме обратете се до Кабинетот на директорот на Царинската управа, на e-mail: kabinet@customs.gov.mk.