Македонските туристички потенцијали во наредните четири дена се презентираат на интернационалниот саем за туризам во Сингапур (ITBAsia) преку заедничка соработка со Србија и Црна Гора. Заедничкото претставување на туристичките потенцијали на трите држави како една дестинација е под слоганот „Вратата на Балканот”.
Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот информираат дека на првиот ден од отворањето на оваа туристичка берза е регистриран неочекувано голем интерес на азиските туроператори за неоткриените балкански убавини.
-Потенцијалот на азискиот пазар е огромен и бројот на туристи од овој дел на светот кои ја посетуваат Европа и Балканот се во пораст секоја година. Балканот е неоткриена туристичка дестинација и е меѓу приоритетите на АППТ за следните неколку години. Преку учество на саемов целиме кон зголемување на бројот на туристи од Азија за 50 проценти, зајакнување на регионалната соработка, како и заедничко претставување на Балканот како една дестинација за трети пазари, изјави директорот на АППТ Љупчо Јаневски.
Ова, оценува, е совршена можност за будење на интересот кај македонските туроператори за организирање поголем број кружни тури на азиски туристи, кои пак би оствариле неколку ноќевања во овие три земји, а очекувањата за следниве неколку години е растот на туристичките посети да биде од 30 до 50 проценти.
Според АППТ, за време на најзначајниот саем за туризам во Сингапур се потврдени 50-тина средби со тур-оператори од овој дел на светот, а претставувањето на нашата држава е во соработка со Туркиш Ерлајнс и македонски туроператори пред кои е огромна можност за почнување соработка и проширување на понудата.
-Саемот за туризам ITB Asia е насочен кон бизнис заедницата и оваа година се организира 12-ти пат. На него ќе учествуваат 1.000 изложувачи, 1.000 купувачи и 11.000 посетители од 127 земји од кои 70 проценти се од Азија, 60 проценти се купувачи со препорака, додека 25.000 е бројот на состаноци кои се однапред договорени. Дополнително, според статистиката на саемот, еден од двајца купувачи потпишуваат договор за соработка и 70 проценти од учесниците имаат мандат за носење одлука (високи менаџерски позиции) што го прави овој саем еден од највлијателните во туристичката индустрија, информира Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.