Премиерката на Србија Ана Брнабиќ изјави дека таа пристапила во Српската напредна странка (СНС) на претседателот Александар Вучиќ затоа што, за разлика од повеќето партии чија цел е да победат на избори, СНС има за цел да ја промени Србија.
-Тоа е голема разлика, затоа што јас почувствував дека сакам лично со зачленувањето да ги поддржам членовите на СНС. Не ми треба партиска функција – добив најголема поддршка од СНС уште пред да станам член, кога ми покажаа најголема чест и ме предложија да станам премиерка на Србија, рече Ана Брнабиќ за Вечерни Новости.
-Благодарна сум на претседателот на Србија, на СНС што веруваат во мене и што ме поканија да ја менуваме заедно Србија, рече Брнабиќ.
За посредувањето на Европскиот Парламент во разговорите со опозицијата таа оцени дека едни бараат Европа да се вмеша и да посредува, „ги повикуваат и се жалат, а потоа и нив ги бојкотираат”, додека други ја напаѓаат власта затоа што Европа се вклучила во помагањето и посредувањето.
На прашањето дали Русија и Кина треба да бидат вклучени во дијалогот Белград-Приштина, таа потсети дека на дијалогот денес инсистираат држави кои ја поддржале еднострано прогласената независност во 2008 година, што покажува дека оваа тема е далеку од решена, како што многумина сметаа.
-Она за што зборува претседателот Вучиќ е компромис што ќе доведе до историско помирување на Србите и Албанците и свртување кон иднината. Како би изгледал тој компромис е тема на дијалог, кажа Брнабиќ