Американскиот потпретседател Мајк Пенс и државниот секретар Мајк Помпео утре ќе допатуваат во Анкара за да му достават барање на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за прекин на огнот во Сирија.
Во делегацијата на САД се вклучени и советникот на претседателот на САД, Роберт О’Брајан и специјалниот пратеник на Стејт департментот за Сирија, Џејмс Џефри.
Целта на посетата на Пенс и Помпео е да договорат прекин на огнот во северна Сирија помеѓу Турција и курдските милиции.
По најавата за посетата на Пенс и Помпео на Анкара, турскиот претседател изјави дека нема да се сретне со нив.
– Нема да се сретнам со нив. Тие ќе имаат средба со нивните партнери. Ќе разговарам само ако дојде Трамп, истакна Ердоган
Пенс претходно на социјалните мрежи објави фотографии со американскиот пастор Еднру Бренсон, кој две години беше во притвор вои Турција. Тој есента 2018 година беше ослободен, но случајот доведе до влошување на билатералните односи.
Поради ситуацијата во северна Сирија, претседателот на Русија, Владимир Путин го покани Ердоган на средба во Москва.
Турција пред осум дена презеде офанзива во североисточниот дел на Сирија против курдските борци. Операцијата уследи откако Трамп нареди повлекување на илјада американски војници, кои се бореа против Исламска држава заедно со сириските Курди. Поради американското повлекување сириските Курди побараа поддршка од сирискиот претседател Башар ал Асад и од Русија.
Ердоган претходно изјави дека нема да преговара со курдските сили и побара од нив да го положат оружјето и да се повлечат 30 километри од турската граница.