Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска во Брисел учествуваше на состанок на Партијата на европски социјалисти. На состанокот на кој учествуваа и претседателот на Европскиот парламент Давид Марија Сасоли, премиери, еврокомесари и други политички лидери од ПЕС, беа поздравени и поддржани прогресивните политики на Северна Македонија, предводени од претседателот Заев.
Претставниците на ПЕС ја повикаа Европската Унија да го направи одлучувачкиот чекор и да донесе одлука за старт на преговорите со Република Северна Македонија, бидејќи тоа е важно за граѓаните на земјата, за сите резултати кои се постигнати на домашен но и меѓународен план со Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, но важно е и за кредибилитетот на ЕУ. Од страна на претседателот Заев беше упатена благодарност до ПЕС за силната поддршка за нашата држава. Претседателот Заев истакна дека позитивната одлука за почеток на преговори значи поддршка и охрабрување на процесот на реформите дома, но и силна порака за другите во регонот дека тешките одлуки се вреднуваат и тие се влог во подобра иднина.
– Ако ЕУ го загуби кредибилитетот во регионот тогаш се отвора простор за влез на трети страни кои не се залагаат за демократски вредности, посочи претседателот Заев, додавајќи дека досега реформите во Северна Македонија се завршени 100 отсто, а поддршката за ЕУ во земјата е се уште е на високи 83 отсто од граѓаните.