Музејот на современа уметност објави повик за изработка на идеен проект за партерно уредување и санација на скалите и платото пред Музејот. На Повикот со свое оригинално решение во следните 20 дена од денот на објавувањето, можат да се пријават сите архитекти носители на лиценца А, а иницијативата е од хуманитарен карактер.
– Иницијативата за санација на скалите и платото пред Музејот е резултат на приватна донаторска акција, заради што МСУ ги повикува и архитектите заинтересирани за овој повик да го донираат идејното решение. Со тоа, ќе ја поддржат донацијата, ќе ја зголемат нејзината вредност за музејот и ќе придонесат за единствен краен резултат, апелираат од МСУ. Приватната донација во висина од 600.000 денари доаѓа од повеќе субјекти и е наменета за изведба на градежните работи неопходни за санацијата. Музејот на современа уметност е плод на солидарност, авангардна и благородна идеја, и до денес достојно ја исполнува својата цел. Визијата на оваа иницијатива заедно со оригиналните идеи и искуството на архитектите ќе остави ново наследство за МСУ и за идните генерации, посочуваат од МСУ.