Министерството за надворешни работи на Русија ќе испрати нота до амбасадата на САД по инцидентот со американски дипломати во Северодвинск, кои се осомничени за кршење на правилата за патување, изјави рускиот заменик министер за надворешни работи, Евгениј Иванов, пренесува ТАСС.
Тројца американски дипломати беа отстранети од возот што се движеше помеѓу Нионокша и Северодвинск во рускиот северен регион Архангелск откако беа осомничени за кршење на правилата за патување за странците во Русија.
Нионокша е затворено село во близина на главната локација за тестирање на руската морнарица, каде што во август во мистериозна нуклеарна несреќа загинаа седум лица, а беше ослободено и зрачење. Северодвинск е град за кој странските државјани им е потребна официјална дозвола за посета.
Според Иванов, единствената последица со која би можеле да се соочат американските дипломати е поднесување административни протоколи.
„Тие се членови на персоналот на амбасадата и, како што разбрав, работат за военото аташе и уживаат имунитет“, објасни тој.
Постр дипломат потврди дека патувањето било координирано, но дека крајната дестинација бил Архангелск, а не Северодвинск.
„Ќе се изготват некои административни протоколи, но тие уживаат имунитет, па затоа мислам дека ќе бидат спроведени само проверки за да откриеме како се случило тоа“, рече Иванов.
ТАСС претходно извести дека инцидентот се случил на 14 октомври. Американските дипломати се осомничени за административен прекршок според Член 18.8 од Кодексот за административни прекршоци на Русија (прекршок од странски државјанин или лице без државјанство на правилата за влез во Руската Федерација или на режимот за престој во Руската Федерација).
Портпарол на Стејт департментот претходно изјави за ТАСС дека дипломатите соодветно ги известиле руските власти, односно руското Министерство за одбрана, за нивните патни планови. Но од руското МНР велат дека дипломатите најавиле намера да го посетат Архангелск, а наместо тоа биле на пат кон Северодвинск.