Тетовската градска библиотека „Кочо Рацин” денеска во рамки на проектот „Запознај ја библиотеката” доделуваше бесплатни книги на заинтересираните кои поминуваа покрај објектот. Дел од акцијата е и бесплатно запишување на нови членови во библиотеката.
– Секоја година правиме промотивни активности околу читањето, па сакаме да биде традиција бидејќи има потреба од промоција на читањето и книгите. Одлучивме да биде надвор во директен контакт со минувачите. Така децата ќе можат да се запознаат со библиотеката, а на возрасните ќе им покажеме дека имаме многу книги и има што да читаат, изјави Њомза Исмаили Имери од библиотеката.
Главната порака поставена на сите книги беше „Земи ме, прочитај ме”. Се доделуваа и друг вид промотивен материјал како тефтерчиња, пенкала, моливи, маркери и слично.
-Со ова сакаме што повеќе луѓе да ги стимулираме да читаат книги. Бројот на наши членови секогаш е во пораст, никогаш не опаѓа, но сметаме дека треба да има уште многу луѓе да дојдат и да зачленат за да читаат книги. Тетово како град со два универзитети има потенцијал за уште многу нови читатели, рече Њомза Исмаили Имери.
Дел од книгите наменети како подарок беа поставени на дрвјата спроти библиотеката со цел граѓаните во било кое време да ги земат.