Писмото од американскиот претседател Доналд Трамп до неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган заврши во канта, јави Би Би Си, повикувајќи се на неименувани извори од турското претседателство.
– Претседателот Ердоган го прими писмото, целосно го отфрли и го фрли во корпа за отпадоци, велат изворите.
Во писмото, со датум од 9 октомври, испратено по повлекувањето на американските сили од Сирија, Трамп му порача на Ердоган да не „биде опасно момче” и да не биде „будала”.
Трамп во писмото, на денот на почетокот на офанзивата во Сирија, го предупредил Ердоган дека ако ситуацијата во таа земја не биде решена на хуман начин, тој во историјата ќе биде запонет како ѓавол.
На почетокот на краткото писмо, што на Твитер го објави новинарката на Фокс, Триш Реган, американскиот претседател на својот турски клега му предлага да постигнат „добар договор”.
„Не сакате да бидете одговорен за масакр на илјадници луѓе, а јас не сакам да бидам одговорен за уништувањето на турската економија, а ќе го сторам тоа”, навел Трамп, кој веќе воведе некои санкции кон Турција и се заканува дека ќе ги прошири на начин што тие ќе бидат уништувачки за турското стопанство.
Во писмото Трамп истакнува дека тешко работел за да се решат некои од проблемите на Турција и на Ердоган му порача да не го разочарува светот. Тој додал дека Ердоган може да добие одличен договор и дека курдскиот генерал Мазлум Кобани е подготвен да преговара со него.
„Тој е подготвен да ви даде отстапки какви Курдите никогаш во историјата не дале”, наведува американскиот претседател и додава дека на Ердоган му го испраќа писмото на курдскиот генерал кое штотуку го примил.
„Историјата на вас ќе гледа со одобрување доколку ова го изведете на хуман начин, но ќе ве запамети како ѓавол доколку не се случат добри работи. Не бидете ‘опасно момче’. Не бидете будала”, заклучи Трамп.