Европа мора да се подготви за нов бран на миграции и бегалци, предупреди грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Сто дена по стапувањето на должноста Мицотакис, чија земја стана главен миграциски влез за Европа годинава, им се обрати денес на земјите од Европската Унија кои одбиваат да прифаќаат мигранти.
„Мора да има последици за оние кои не сакаат да учествуваат во задачата на европската солидарност“, рече тој.
Пред грчкиот парламент, премиерот предупреди дека ќе бара специфични санкции за тие земји, но не прецизираше кои.
„Имаме меѓу 3.000 и 4.000 малолетни лица без придружба во Грција, така што европските земји треба да преземат дел од товарот“, рече тој за АФП.
Во 2019 година во Грција пристигнале повеќе од 46.000 мигранти, повеќе отколку во Шпанија, Италија, Малта и Кипар заедно.
Камповите на егејските острови се преполни и не можат да го издржат новиот бран предизвикан од турската офанзива на Сирија.