Француската модна куќа „Диор“ се извини за прикажување карта на Кина на која недостасуваше Тајван, поради што луксузниот бренд се најде во скандал околу кинескиот територијален интегритет, што им се случи и на „Коуч“,„Версаче“ и на „Живанши“, пренесува РТ.
„Диор длабоко се извинува за погрешната изјава и погрешно претставување направено од член на персоналот на презентација“, соопшти брендот на социјалната мрежа Веибо во четвртокот.
Во изјавата се додава дека „Диор“ ја почитува политиката на Кина и строго го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина и ветува дека ќе спречи вакви грешки да се случуваат во иднина.
Претходно неделава, „Диор“ одржа презентација за време на која ги покажа своите продавници во Кина, но Тајван беше исклучен од картата. Пропустот веднаш го забележал некој од публиката, кој запрашал зошто недостасува островот .
Вработениот објаснил дека сликата е во премал размер и Тајван е многу мал за да се покаже. Сепак, упорниот студент одговорил дека Тајван е поголем од островот Хаинан, најјужната точка на Кина, кој бил прикажан на картата. Вработениот тогаш рекол дека Тајван и Хонгконг биле вклучени само во презентациите кои се однесуваат на пошироката област на Кина.