Министерот за култура, Хусни Исмаили, од денеска (17 октомври) престојува во работна посета на Франкфурт, Сојузна Република Германија, по повод претставувањето на нашата држава на Меѓународниот саем на книгата.
Годинашново, 71. издание на Саемот на книгата во Франкфурт се одржува од 16 до 20 октомври под мотото „Идеи што го придвижуваат светот”. Земја почесен гостин годинава е Норвешка.
Оваа саемска манифестација, која ужива репутација на најзначаен настан во книжевната сфера во европски и во светски рамки, е од исклучителна важност за промоцијата и афирмацијата на авторите од Република Северна Македонија и нивното творештво, а отвора и можности за интензивна соработка на издавачкиот сектор од нашата земја со колегите од целиот свет. Оваа година Министерството за култура во Франкфурт се претставува преку Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), а нашата книжевност е претставена со најнови и најрепрезентативни изданија од реномирани автори од Република Северна Македонија.
Во рамките на Саемот на книгата во Франкфурт, министерот за култура Исмаили денеска (17 октомври) ќе присуствува на настанот со кој ќе се одбележи присуството на нашата земја на оваа манифестација, а за време на престојот, министерот ќе оствари средба со Тобиас Вос, директор за меѓународна соработка на Дирекцијата на Саемот на книгата во Франкфурт, како и со Оливер Зиле, директор на Саемот на книгата во Лајпциг.
Саемот на книгата во Франкфурт е најголем во рамките на меѓународната издавачка индустрија, со повеќе од 7 500 излагачи од 110 земји, околу 285 020 посетители и 139 460 трговски посетители. Има повеќе од 4 000 настани и околу 10 000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2 000 блогери.