Со презентација во Охрид заокружени се првите две седмици од инфо-деновите што се спроведуваат во рамки на едукативната кампања посветена на можностите што се нудат преку ИПАРД Програмата за периодот 2014 – 2020 година.
Претставници на Телото за управување со ИПАРД фондовите од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој изминатите две седмици ги запознаа и информираа граѓаните во Сопиште, Петровец, Берово, Пехчево, Дојран, Негорци, Белчишта и Охрид за поволностите што им стојат на располагање, со фокус ставен врз седмата мерка за „Диверзификација на фарми и развој на бизниси”.
Повикот за мерката беше објавен на 4 октомври и ќе трае заклучно со 18 ноември годинава, а преку организираните инфо-средби за 2019 година. Благодарение на спроведените инфо-денови заинтересираните субјекти се запознаа со можностите и предностите на мерката, а покрај деталите им беа презентирани и најприфатливите инвестиции, како градба/реконструкција на објекти и друг недвижен имот за прифатливите економски активности, потоа набавка и односно инсталирање на нови машини и опрема, набавка на наменски транспортни резервари и приколки, набавка на повеќегодишни дрвја и растенија (со исклучок на семе, саден материјал и мицелиум), како и средства за набавка на нови машини и опрема за заштита на животната средина вклучувајќи опрема за производство на електрична енергија и/или греење со употреба на обновливи извори на енергија и инфраструктурно уредување.
Очекувањата се дека оваа година од ИПАРД Програмата ќе бидат искористени уште 8,7 милиони евра.
Инфо-деновите за ИПАРД Програмата ќе продолжат и наредната недела преку средби со граѓаните на Калишта, односно Радолишта, како и на Вевчани на 25 октомври.
Информации околу инфо-деновите, детали за мерките, потребните документи и јавните повици за заинтересирани се достапни преку веб-страниците на Телото за управување со ИПАРД фондовите, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и тоа http://www.ipardpa.gov.mk, http://ipard.gov.mk, http://mzsv.gov.mk/, http://agencija.gov.mk/.