Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска во касарната „Боро Менков” во Куманово, присуствуваше на воена свеченост со којашто се одбележа 17 октомври, денот на Здружената оперативна команда.
Претседателот Пендаровски го проследи чинот на поздравување на знамето и интонирање на химните на државата и на Армијата на Република Северна Македонија. Заедно со припадниците на Армијата и со останатите гости, претседателот Пендаровски, со едноминутно молчење, им оддаде почит на загинатите и починатите борци за нашата држава, како и на загинатите припадници на Армијата.
Во чест на Денот на здружената оперативна команда, на свеченоста беа наградени и пофалени припадниците на Армијата коишто во изминатата година покажале исклучителна посветеност, а на кои претседателот Пендаровски им упати искрени честитки за нивниот ангажман.
Целта на единицата е да ги подготви силите на Армијата за одбрана и заштита на територијалниот интегритет и на пошироките интереси на државата, како и да учествува во операции за поддршка на мирот, превенција и справување со конфликти и кризи во операции предводени од меѓународни организации. Здружената оперативна команда се состои од механизирана пешадиска и воздухопловна бригада, бригада за логистичка поддршка, баталјони за врски и на воена полиција, како и команда на резервни сили.
Во касарната „Боро Менков” претседателот Пендаровски се сретна со неколку генерали во Армијата. Во пресрет на полноправното членство на Северна Македонија во НАТО, во фокус на разговорите на средбата беа состојбите и подготвеноста на нашата Армија. Во таа насока, соговорниците се согласија дека нашата Армија е рамноправна со војските на останатите земји членки на Алијансата и дека членството на Северна Македонија во НАТО забрзано ќе придонесува кон уште поголемо јакнење на капацитетите на Армијата.