Францускиот Сенат го усвои во прво читање предлог-законот за ратификација на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО. Предлог-законот беше усвоен без измени на 9 октомври 2019 година од страна на Комитетот за надворешни работи, одбрана и вооружени сили, по извештајот на сенаторката Жоел Гаријо Мајлам.
Останува договорот да биде ратификуван и од Националното собрание при второто читање, по што тој дефинитивно ќе биде ратификуван од Франција.
Досега 24 земји-членки целосно го завршија процесот на ратификација. Вчера тоа го сторија Италија и Велика Британија.
Очекувањата се дека Протоколот ќе биде ратификуван и со тоа членството во НАТО ќе се официјализира пред Самитот на Алијансата, закажан за 3 и 4 декември во Лондон.
Но, засега неизвесно е дали тоа пред Самитот ќе се случи во шпанскиот Парламент. Двата дома на Парламентот се распуштени. Изборите се закажани за 10 ноември, а доколку се помине како што треба новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3 декември.
Оваа недела за Протоколот треба да се изјасни Националното собрание на Франција, а процесот треба да заврши и во Холандија и Исланд. Според праксата досега вообичаено е Сенатот на САД последен го ратификува, но поради ситуацијата во Шпанија, се уште не е познато кога ќе биде закажана седницата на Горниот дом на американскиот Конгрес.
Протоколот беше потпишан на 6 февруари 2019 година од страна на 29 сојузнички земји и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров.
На крајот на процедурата за ратификација од сите земји на Алијансата, Северна Македонија, која веќе има статус на „земја гостинка”, ќе стане 30-та членка на НАТО и ќе ги има истите права и обврски како и другите сојузници .