Најмалку 80 лица, меѓу кои и 46 полицајци, се повредени во вчерашните најжестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата за време на протестите за затворските казни изречени за водачите на каталонските сепаратисти.
33 лица се уапсени, а четворица демонстранти се во притвор за нарушување на јавниот ред.
Шпанскиот лидер, Педро Санчез, претседава со состанок на експерти од министерството за внатрешни работи и други министерства за да ја анализира безбедносната состојба во североисточниот регион.
Според агенцијата АП, денес веќе е започната нова блокада на патиштата во Каталонија, вклучувајќи го и главниот автопат што води кон Франција.
Демонстрантите и полицијата се судрија синоќа во Барселона, на третиот ден од протестите поради пресудите против лидерите на каталонските сепаратисти.
Полицијата се обиде да ги задуши немирите прскајќи со гас пена, додека демонстрантите палеа контејнери и автомобили во близина на секторот за внетрешни работи на регионалната влада во главниот град на Каталонија, јави „Ројтерс“.
Протестите започнаа во понеделникот, откако Врховниот суд во Мадрид осуди деветмина поранешни каталонски политичари и активисти на девет до 13 години затвор за нивната улога во неуспешниот обид да се прогласи независност на Каталонија во 2017 година.
Тројцата преостанати обвинети беа прогласени за виновни само за непослушност и не добија затворски казни.
Поранешниот потпретседател на каталонската влада, Ориол Жункерас е осуден на 13 години затвор за бунт и злоупотреба на јавни фондови со цел одржување референдум за независност на Каталонија.