Наместо вовед едноставно ќе споменам еден податок: 39 тони пластика завршуваат секој ден во грчките мориња, според неодамнешното истражување на WWF. Триесет и девет тони на ден!, истакна министерот за животна средина и енергија на Грција, Костис Хаѕидакис, најавувајќи дека до јуни следната година земјата има намера да ја повлече пластиката за еднократна употреба, една година пред предвидениот рок од ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.
Хаѕидакис на прес-конференција објасни дека последиците од загадувањето со пластика имаат повеќе димензии и се однесуваат на јавното здравје, на морскиот екосистем, но и на економската активност во одредени области, како што се туризмот и рибарството.
Тој нагласи дека актуелната Влада како главен приоритет ја има борбата со загадувањето со пластика, а прв чекор е усвојување на Европското упатство 2019/904 за ограничување на пластиката за еднократна употреба. Министерот додаде дека Грција има амбиција да стане пионер во Европа во борбата против пластичното загадување.
– Борбата за повлекување на пластиката за една употреба ќе ја водиме со целото срце. Спроведувањето на соодветното законодавство нема да биде со сила, туку пред сè како обврска кон нашата свест. Токму затоа сакаме да го спроведеме повлекувањето на пластиката за еднократна употреба порано од крајниот рок на ЕУ, предвиден за јули 2021 година. Ние сакаме да го сториме тоа една година порано, во јуни 2020 година, рече министерот за животна средина и енергија на Грција.