Курдските власти во североисточниот дел на Сирија ја обвинија Турција дека во нападите користи забрането оружје, како на пример напалм и фосфорна муниција. Засега нема официјална потврда за употреба на такво оружје од почетокот на воената интервенција од страна на Турција и нејзините сириски сојузници. Во соопштение издадено седум дена по почетокот на воената интервенција, курдската администрација наведува дека Турција употребила забрането оружје поради неочекувано силниот отпор на курдските борци во пограничниот град Рас ал Аин.
– Турската агресија ги користи сите расположливи оружја против Рас ал Аин, се вели во курдската изјава.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган досега го игнорираше меѓународниот притисок за прекин на офанзивата, во која досега загинаа десетици цивили и раселени се повеќе од 300.000 луѓе.
– Соочен со очевиден неуспех на неговиот план, Ердоган прибегнува кон оружје кое е забрането низ светот, како што се фосфор и напалм, се додава во соопштението.
Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, како и британската група за набљудување со широка мрежа на свои извори на самото место, досега не потврдиле употребата на напалм или бел фосфор. Но, шефот на сирискиот центар Рами Абдел Рахман изјави дека во изминатите два дена имало зголемен број на повреди од изгореници, главно кај жртви во реонот на Рас ал Аин.
Портпаролот на Сириските демократски сили, Мустефа Бали ги повика меѓународните организации да испратат експерти, кои ќе извршат проверка.