Ангеловска-Мекдауел: Околу 80 милиони евра од ЕИБ за изградба на Пречистителна станица во Скопје

Со околу 80 милиони евра Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе влезе во финансирањето на Пречистителна станица за отпадни води во Скопје. Од оваа сума околу 10 милиони ќе бидат грант средства од ЕИБ. Со проектот ќе се изгради и операционализира станица за третман на отпадни води, што ќе опслужува преку 650.000 жители од градот Скопје.

Финансирањето на овој крупен инфраструктурен проект, како и неколку други идни проекти се дискутирани на средбата на делегацијата предводена од министерката за финансии Нина Ангеловска и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска со потпретседателот на ЕИБ Ендру Мекдауел, за време на Годишните средби на групацијата Светска банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), што се одржуваат во Вашингтон.

Министерката за финансии Ангеловска, како што соопштуваат од Министерството за финансии, истакна дека ЕИБ е посветен партнер во развојот на земјата, со тековно инвестициско портфолио од 185 милиони евра во јавниот сектор.

Таа посочи дека ЕИБ инвестира во проекти што го забрзуваат економскиот раст во земјава, преку поддршка на секторот на мали и средни претпријатија, но и инвестирање во крупни инфраструктурни проекти.

Вкупната вредност на Проектот за изградба на Пречистителна станица Скопје е 136 милиони евра, од кои остатокот ќе бидат обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Се очекува договорите со меѓународните финансиски институции за финансирање на Пречистителна станица за отпадни води во Скопје да бидат потпишани до крајот на годинава.

На состанокот било разговарано и за одобрување на дополнителни 50 милиони евра за Проектот за водоснабдување и одведување отпадни води во општините во Република Северна Македонија, како резултат на успешно спроведување на тековниот проект, чија вредност е 50 милиони евра.

Од страна на ЕИБ е изразена и подготвеност за финансирање на третата делница на железничката пруга на Коридорот VIII, односно од Крива Паланка до Деве Баир. Делницата е во должина од 23,4 километри, а во нејзиното финансирање освен ЕИБ би учествувале и ЕБОР, а исто така би се искористиле и средства од ИПА фондовите.

Од страна на Мекдауел е изразено задоволство од реализацијата на кредитната линија за мали и средни претпријатија во висина од 100 милиони евра, од која досега се повлечени 44 милиони евра евтини кредити.

Треба да знаете
Последни објави