Поранешниот претседател на СССР Михаил Горбачов денеска предупреди дека светот се движи кон „опасна ера на милитаризирана политика” и ги повика Москва и Вашингтон итно да разговараат за контрола на нуклеарното оружје.
– Постојат опасни трендови – сите се на видик. Јас би издвоил два. Тоа се непочитување на меѓународното право и милитраризацијата на светската политика, изјави Горбачов за рускиот весник „Известија”, пренесува Танјуг.
Горбачов оцени дека откако САД и Русија се повлекоа од Договорот за нуклеарни сили со среден дострел, потпишан во 1987 година, преговори меѓу Москва и Вашингтон се уште поитни.
– Се покажа дека тој договор беше најважниот столб на стратешката стабилност. Потребни ни се разговори, со цел неговото пропаѓање да не ја зголеми заканата од војна, потенцира Горбачов.