Саем на кариера и вработување 2019 ќе се одржи на 22 октомври, вторник, од 11 до 14 часот, на платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Агенцијата за млади и спорт обезбедила над триесет домашни компании, младински организации, агенции за вработување, едукативни центри и понуди за младински поволности.
Саемот, како што соопштија од Агенцијата за млади и спорт, е наменет за сите млади што бараат практика, работа, можности за вмрежување, младински активизам, ИТ-едукација, програми за работа надвор од државата, проекти „Еразмус+”, тренинзи, работилници, преквалификација и доусовршување.
Идејата е младите да дојдат со својата кратка биографија во печатена или електронска форма и да искористат некоја од можностите.