Премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција ќе понуди на опозицијата да поднесе оставка и да се организираат избори на 22 декември, дознава 24 Инфо од извори во СДСМ.
Според изворот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најверојатно сака избори во март, а Заев сака избори што побрзо, па доколку биде прифатен предлогот на премиерот на избори ќе се оди пред Нова Година. Ако нема договор Заев нема да се повлече од функцијата.
Премиерот вчера се сретнал со лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, кој најверојатно бил запознаен со намерите на Заев, а дел од медиумите јавија дека Ахмети го убедувал да не поднесува оставка и да не брза со носење одлука.
Премиерот Заев уште пред неколку дена во Виена рече дека недонесување на одлуката ќе може да доведе до пад на Владата.
-Алтернатива за нас нема. Ако не се донесе одлука ние не можеме да се откажеме од ЕУ. Секако дека ЕУ е нашата иднина. Веројатно ќе ја уништи Владата во Македонија. Но, ќе дојдат некои други и ќе го продолжат тој пат. Затоа што ние поради ЕУ го сменивме дури и нашето име. Направивме договори со Бугарија и Грција. Ги унапредивме односите со Србија, Албанија, Косово, со соседите во тој правец . Јас верувам дека ќе има се повеќе и повеќе мотивација за да продолжиме да работиме посилно за да покажеме уште повеќе успех, рече Заев.
Мицкоски, пак, во вчерашното обраќање до јавноста бараше оставка на владата, но беше резервиран во поглед на одржувањето на новите избори. Тој порача дека прво бара техничка влада која би спровела „план и стратегија за реформи“.
(И.Ш.)