Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на денешната прес-конференција по повод одлуката на Европскиот Совет да ја одложи одлуката за старт за преговори со нашата земја, одговараше на прашања на новинарите.
На прашањето од кои причини е донесена одлука за предвремени избори ако претходно опстојуваше ставот дека без разлика на исходот од Брисел, вонредни избори не се опција, премиерот Заев истакна дека одлуката на Брисел е историска грешка која создаде околности за кои народот треба да одлучи на избори дали земјата останува на истиот пат.
„До денеска бев на ставот дека на нашата земја ѝ треба предвидливост. Ние тоа го чувствуваме, и во растот на економијата, и во новите работни места, и во индустрискиот раст, извозот, владеењето на правото, од придобивките од реформите… Но, рековме, направена е историска грешка од ЕУ, и во вакви околности народот треба да одлучи дали сите остануваме на вистинскиот пат. Јас верувам – да. На патот на интеграциите, на патот на тоа што досега не мотивираше, на патот на тоа што ни вбризгуваше енергија да работиме и ни даваше надеж да работиме уште повеќе. За нас нема алтернатива за ЕУ и НАТО. Затоа го коригирам мојот став и повикувам на предвремени избори за да не губиме време знаејќи дека тоа е одлука за која се отвора процес за изјаснување на сите останати”, рече премиерот Заев.
Новинарите на прес-конференцијата прашаа и дали во опција била и оставка на премиерската функција на што претседателот на Владата Заев истакна дека сите опции биле отворени и дека ќе се испочитува законската постапка за ова прашање соодветно на Пржинскиот договор.
„Го чувствував гневот и разочарувањето на народот, но реков јас немам право да се откажам да се борам. Јас како и сите граѓани, ја сакам својата земја и својот народ. Нашиот народ ни го дава мандатот и честа да водиме и спроведуваме политики. Сега тој ќе одлучи, народот нека реши на избори дали продолжуваме на тој пат. Ако продолжуваме јас ќе го побарам мандатот, целосен и чист мандат за да продолжиме по тој пат, зашто се друго е ќорсокак. Во однос на моето повлекување, како законот налага ние тоа ќе го испочитуваме. Утре, после средбата кај Пендаровски, ќе имаме состанок со сите партии од коалицијата, а потоа ќе ги договориме деталите. Ќе ја испочитуваме постапката за да имаме чисти, фер и демократски избори и заеднички ќе го утврдиме датумот”, одговори премиерот Заев на ова прашање на новинарите.
Во однос на континуитетот на реформите, премиерот Заев потенцираше дека е убеден дека тие треба да продолжат да се спроведуваат како и досега во тесна координација со ЕУ.
„Нашата аспирација не е само за да бидеме членка, туку и за да се европеизираме дома. Во такви околности ќе им покажеме на сите дека вредиме и дека тоа што до сега сме го постигнале, ќе го зајакнеме и во наредниот период. Да продолжиме со спроведување на договорените реформи во правосудството, образованието, здравството со европски стандарди за нашите граѓани. Дури и до изборите ќе продолжиме на работа на реформите, целосно фокусирани и посветени”, нагласи премиерот Заев.
Во однос на спроведувањето на Преспанскиот договор тој истакна дека оваа ситуација не треба да го попречи неговото реализирање за да се забрзаат нашите евро-атлантски интеграции, но и да градиме пријателство.
„Имаме нов пријател, Грција, со сериозен инвестициски потенцијал. Огромна перспектива за соработка од секој аспект. Тоа е наш сосед. Изборите ќе бидам амалгам кој ќе провери дали продолжуваме да го зацврстуваме пријателството, или повторно ќе предизвикуваме кавги. Договорите треба да ги имплементираме со взаемно почитување на договореното и со взаемен респект”, рече Претседателот на Владата Заев.
Во однос на одлуката на Франција и на изразениот песимизам на францускиот претседател за процесот на проширување на ЕУ, премиерот Заев потенцираше дека Северна Македонија го посакува членството во ЕУ заради вредностите.
„Бидете сигурни, овде ќе биде како во Европа. Нашите деца ќе се чувствуваат како децата во Европа. Ние кон тоа мора да продолжиме да се стремиме. ЕУ ќе го промени својот став и јас очекувам дека тоа ќе се случи многу бргу. Ми се јавија безмалку сите лидери и ме охрабрија да останеме на овој пат. И ќе станеме членка на ЕУ”, истакна претседателот на Владата на Северна Македонија Заев на прес прес-конференција по повод одлуката на Европскиот Совет.