Претседателот на ЗГ„Фудбалски клуб Куманово 1903“ затаил над 3 милиони денари данок

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.К.(51) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „даночно затајување“ и „фалсификување или уништување деловни книги“, против Здружение на граѓани „Фудбалски клуб Куманово 1903“ – Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „даночно затајување“ и „фалсификување или уништување деловни книги“ и против С.П.(61) од Куманово, поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело „несовесно работење во служба“.

Д.К., претседател во правното лице Здружение на граѓани „Фудбалски клуб Куманово 1903“ – Куманово, во периодот од 01.01.2013 до крајот на 2017 година, по доделување на паркинг простор на локалитет „Чоробенско ќоше“, во центарот на Куманово, од страна на АД за Изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, остварените приходи од наплата на паркинг услуги не ги користел за остварување на целите за кои е основано ова здружение и во наведениот период не регистрирал фудбалери, не учествувал во систем на натпревари во државата, не донесувал долгорочни, годишни и месечни програми за реализација на своите дејности утврдени согласно закон, со што постапил спротивно на Статутот на здружението на граѓани „Фудбалски клуб Куманово 1903“ – Куманово.

Во посочениот периодот остварил вкупен приход од дневен пазар од наплатени паркинг услуги во износ од 9.572.200 денари, од кои еден дел биле распределени за закупнина, трошоци за струја и плати на вработени, додека останатитот приход од 3.862.221 денари, како непризнаени расходи, го покривал со изготвување на фалсификувани налози за службени патувања, сметкопотврди и фактури за набавена спортска опрема и за репрезентација.

Ваквите документи ги доставувал на С.П., која како овластено лице во фирма за сметководствени услуги ги прифатила ваквите невистинити документи, ги прокнижувала и сочинувала лажни финансиски извештаи, кои ги прикажувала преку годишни завршни сметки, со што овозможила на првопријавениот и второпријавеното правно лице да избегнат плаќање на данок на добивка по основ на остварени приходи во вкупен износ од 858.227 денари, со што го оштетиле Буџетот на РСМ, како и да се стекнат со противправна имотна корист од 3.862.221 денари.

Треба да знаете
Последни објави