Големото фудбалско дерби на англиската Премиерлига помеѓу Манчестер јунајтед и Ливерпул заврши нерешено 1:1 во натпревар во кој судијата два пати го користеше ВАР кој пресудуваше во корист на домаќинот.
По едни мирни 35 минути игра, Маркус Рашфорд погоди за 1:0 по одличното додавање од Џејмс, но погодокот мораше да биде проверуван поради претходен прекршот над Ориги. Луѓето во ВАР собата на крајот проценија дека нема доволно елементи за свирење фаул, па така голот на Рашфорд остана валиден, а Јирген Клоп беснееше крај аут линијата.
Германскиот стручњак беше уште полут кога пред крајот на првиот дел му беше поништен гол на Садио Мане, бидејќи играчот на Ливерпул играше со рака пред да ја погоди мрежата на Де Хеа.
Нервозниот Клоп трчајќи замина во соблекувалните, а во вториот дел, неговиот тим ја презема иницијативата. Домаќинот долго одолеваше и не му дозволи на Ливерпул да создаде стопроцентна шанса, се до 85-та минута, кога еден центаршут на Робертсон заврши кај Лалана кој непречен од никого израми на 1:1.
Со овој резултат, Јунајтед не успеа да стигне до толку посакуваната победа во дербито, додека Ливерпул за првпат не победи оваа сезона и остана без рекордот на Манчестер Сити од 18 последователни победи во Премиер лигата (тимот на Клоп остана на 17).
Ливерпул не славел на „Олд Трафорд” уште од март 2014 година, па и бодот им е доволен за предност од шест бода во однос на Манчестер сити.
Проблем за европскиот првак беше неиграњето на Мохамед Салах, но сезонава Ливерпул еднаш (против Наполи во ЛШ) не успеа да даде гол и со Египќанецот во составот, а вечерва успеа без „фараонот” да го совлада Де Хеа.