Еурофарм Работник им се врати на поразите во Лигата на шампионите и загуби од Татран Прешов (23-24) на домашен терен во Битола во рамките од петтото коло на Лигата на шампионите. Словачкиот претставник одигра најдобро во новата сезона и стигна до првиот успех во групата Ц. За „фармацевтите“ ова е четврт негативен резултат, втор пред своите гледачи во салата „Боро Чурлевски“.
Гостите тргнаа со почетно водство, а возвратија Остроушко и Стјепановиќ кои најавија како ќе се одвива првиот дел. Домаќинот постојано беше во позитива, иако имаше големи проблеми со организацијата на нападот. Фенерџијата одржуваше приклучок и во еден момент дури и го сврти резултатот во своја корист.
Тренерот Стевче Алушовски не беше задоволен од начинот на кој што играа неговите избраници, па повика тајм-аут во завршницата од првото полувреме. Ниту тоа не им помогна на „фармацевтите“, кои продолжија да се мачат за да направат солидна позитива. Кружниот напаѓач Елмир Граџан искористи неколку зицери од шест метри и донесе минималец за Еурофарм по првите 30 минути.
Македонскиот вицешампион и во продолжението беше тимот кој што го контролира резултатот на семафорот. Остроушко и понатаму беше првата опција за Еурофарм, а по неговиот погодок за 19-17, Славко Голужа, гостинскиот тренер, го искористи правото на минута пауза. Тоа не им помогна на неговите ракометари, кои дозволија битолчани да се одлепат на највисоки +4.
Меѓутоа, гостите од Словачка се вратија целосно во игра и со серија од 6-0 повторно стекнаа предност од 21-22. Најголема заслуга за тоа има голманот Цветковиќ, кој се разбрани и го читаше секој удар на домашните ракометари.
Неизвесната завршница му припадна на Татран кој со погодок во последниот напад оствари победа од 23-24. Стрелец на погодокот беше Јанус Лапајне. Рабек со седум гола беше прво име кај победничката екипа, а Остроушко со еден погодок повеќе се истакна кај домашниот тим.
Следното коло за Еурофарм Работник носи реванш со Татран Прешов во Словачка.
Фото: 24 Ракомет