Верувам дека граѓаните мудро ќе донесат одлука со која ќе го трасираат патот по којшто ние политичарите, кои ќе добиеме поддршка, ќе ја водиме нашата држава, изјави премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, кој по средбата кај претседателот Стево Пендаровски, објаснувајќи дека изборите ќе се одржат на 12 април следната година.
Тој рече дека датумот е постигнат со консензус и оти е земено предвид ратификувањето на Протоколот за членство во НАТО. Одговарајќи на новинарски прашања, Заев рече дека по пат на внатрешни консултации во СДСМ ќе биде избран техничкиот премиер, кој ќе ја извршува функцијата од 3 јануари.
Тој смета дека сега е добар момент да се разговара и за промена на изборниот модел, а според СДСМ, како што посочи, е прифатливо да има една изборна единица и отворени листи.
– Овој датум ни определува можност да разговараме за изборниот модел. Како претседател на најголемата политичка партија во државата останувам на ставот дека државата треба да прави исчекор кон демократизација на процесот. За СДСМ е прифатливо една изборна единица и отворени листи. Сакам да ги слушам помалите политички партии затоа што многу често поголемите партии се собираме и не е чесно само ние да одлучуваме. Имав состанок со нив и тие се за една изборна единица. Верувам дека државата ќе смогне сили да направи исчекор кон поголема демократизација преку избирачкиот процес, односно Изборниот модел за да го зајакнеме плурализмот во државата преку Парламентот, изјави Заев.
Во однос на пописот, кој треба да се одржи следната година, Заев рече дека неговиот став е тој да се спроведе следната година по изборите, а доколку Државниот завод за статистика е подготвен, тогаш да се спроведе и пред изборите.
– Важно е ден поскоро да го имаме пописот, рече Заев.
Во продолжение интегралната изјава на Заев по лидерската средба.
„Прво да ја поздравиме иницијативата на Претседателот на државата. Свикана беше со единствена точка и со право ние да дополниме точки, единствена точка за која беше свикана и после беше прва точка на дневен ред, е дискусија околу лидерството на државата во функција на нашата иднина по разочарувањето или историската грешка којашто пристигна од Брисел. Утврдивме едногласен став евроатлантските интеграции се конечна наша цел, остануваме сите посветени на евроатлантските интеграции, не прифаќаме никаков вид на замена за евроатлантските интеграции заради тоа што граѓаните тоа што го очекуваат од нас европските вредности да ги донесеме овде, да ги живееме сите и остануваат како аспирации да го разубедиме Брисел дека процесот на проширување може да претрпи одредени модификации во делот на она што беше дискутирано како методологија на пристапните преговори или слично.
Но, ние очекуваме полноправно членство во Европската Унија односно веќе на следната можност, кога ќе се собере Европскиот совет да донесе одлука секако за добивање на почеток на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија. Ја поздравувам одлуката и треба граѓаните да знаат дека остануваме на патот којшто носи демократија, којшто носи повеќе вредности, којшто носи европски вредности, владеење на правото, севкупни човекови слободи и права, односно да бидеме исти со правата, животот којшто го живеат граѓаните од земјите-членки на Европската Унија. Втората точка, која што се наметна од сите присутни беше да се разговара за определување на датум за предвремени парламентарни избори. Имавме дискусија сите, имав чест како Премиер, којшто повика на брзи Парламентарни избори да го дадам предлогот. Нашиот предлог беше 22 или 29 декември да одиме веднаш на избори, заради тоа што на тој начин брзо, во еден период кога не се случува нешто драматично, би можеле да го завршиме избирачкиот процес.
Народот да си ја каже својата определба, по кој пат се движи државата, а притоа да очекуваме Шпанија во декември или јануари да направи Ратификација на Протоколот од НАТО, а ние да имаме веќе функционален Парламент, којшто на крајот откако ќе ратификуваат сите 29 земји-членки останува нашиот Парламент да го ратификува Протоколот од НАТО, да го депонираме во Вашингтон и со тоа Република Северна Македонија станува членка на НАТО.
Имаше реакции од присутните. Најголемата опозициска партија коментираше дека во таков случај нема 100 дена Влада, дека би требало да се разгледаат и други опции и потоа ги разгледавме опциите март 22-ри, 29-ти март, 12-ти април, 19-ти април и понатаму во април. Утврдивме дека 12-ти април е важен, заради тоа што на пример, православен Велигден е на 19-ти април, тогаш почнуваат и постите за нашите сограѓани од муслиманска вероисповед. Би требало пред празниците големи, во којшто најголем дел од нашето население ги празнува, дали се Христијаните православни, или граѓаните од муслиманска вероисповед утврдивме дека 12-ти април е датумот кога ќе се одржат изборите.
Тоа значи, постигнавме консензус, сите сме согласни, на 12-ти април, нека им е со среќа на сите граѓани, нека е со среќа на нашата земја, верувам дека на 12-ти април граѓаните мудро ќе донесат одлука, на којашто одлука ќе го трасираат патот по којшто ние политичарите, којшто ќе добиеме поддршка од граѓаните ќе ја водиме нашата земја и нашиот народ“.