Премиерот Зоран Заев по лидерската средба кај претседателот Стево Пендровски одговарајќи на новинарски прашања рече дека по пат на внатрешни консултации во СДСМ ќе биде избран техничкиот премиер, кој ќе ја извршува функцијата од 3 јануари.
Тој смета дека сега е добар момент да се разговара и за промена на изборниот модел, а според СДСМ, како што посочи, е прифатливо да има една изборна единица и отворени листи.
– Овој датум ни определува можност да разговараме за изборниот модел. Како претседател на најголемата политичка партија во државата останувам на ставот дека државата треба да прави исчекор кон демократизација на процесот. За СДСМ е прифатливо една изборна единица и отворени листи. Сакам да ги слушам помалите политички партии затоа што многу често поголемите партии се собираме и не е чесно само ние да одлучуваме. Имав состанок со нив и тие се за една изборна единица. Верувам дека државата ќе смогне сили да направи исчекор кон поголема демократизација преку избирачкиот процес, односно Изборниот модел за да го зајакнеме плурализмот во државата преку Парламентот, изјави Заев.
Во однос на пописот, кој треба да се одржи следната година, Заев рече дека неговиот став е тој да се спроведе следната година по изборите, а доколку Државниот завод за статистика е подготвен, тогаш да се спроведе и пред изборите.
– Важно е ден поскоро да го имаме пописот, рече Заев.
.