Музејот на Република Северна Македонија со изложбата „Црн петел, црвена кокошка – култови на плодноста: обреди, обичаи и верувања“ гостува во Националниот етнографскиот музеј при Академијата за науки на Бугарија. Изложбата во Софија свечено ќе биде отворена на 24 октомври.
Изложбата е подготвена од Н.У. Музејот на Република Северна Македонија и Н.У. Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија и презентира дел од култовите на плодноста кои се практикувале на територијата на Македонија од предисторијата до денес.
Култовите и обредите на плодност се претставени преку разни форми на предмети, на женски фигурини од предисторијата (антропоморфни и зооморфни жртвеници), опрема од обичаите под маски, велигденски јајца и делови од женската народна носија. Плодноста во најтесна смисла се поврзува со опстанокот на човештвото, но и со внесување на елементи на еротика во секојдневниот живот на луѓето (лампи и садови со еротски сцени и претстави во антиката).
„Таа еротика на некој начин низ вековите се пренесувала и преку усното народно творештво со песни, приказни, поговорки и гатанки, како еден вид на вербална магија, со цел да иницираат плодност и кај човекот и кај природата. Обичаите под маски кои го одбележуваат крајот на зимата и возобновувањето на природата, се полни со симболични ритуални дејствија кои треба да обезбедат плодност на луѓето, стоката и посевите. Овие архаични обичаи во изложбата ги презентираме преку фотографии и документарните филмови Џоломари и Говедар Камен. Жените во Македонија и денес активно посетуваат култни и свети места – манастири, цркви, турбиња, води, камења, дрва и др, вршејќи разни обреди поврзани со плодноста.
Она што има посебен белег во оваа изложба е начинот на кој култот на плодноста бил вткаен во облеката која луѓето ја носеле во 19 и 20 век. Македонската женска носија како целина, но и поединечните делови и украси ја презентирале биолошка спремност на жената за репродукција. Таа воедно била и силен симболичен агенс за поттикнување на плодноста, но и магиски заштитник од невидливите зли сили кои можеле на жената да и ја одземат способноста да раѓа.
Ваквиот начин на презентирање на разнородни предмети и визуелни материјали, кои се разликуваат како типолошки така и хронолошки, укажува на уникатноста на оваа изложба. Интересен е нивнот спој, и начинот на кој тие се надополнуваат и воедно се дообјаснуваат“, пишува Јован Шурбаноски, во воведниот текст за изложбата.
Автор на изложбата е Јован Шурбаноски, коавтори на изложбата се Јасемин Назим, Александра Папазовска, Владимир Боцев.
Реализацијата на изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија.