Евроинтеграциите и градењето на капацитетите на локалните општини се приоритети на Министерството за локална самоуправа, порача ресорниот министер Горан Милевски на денешните средби со амбасадорките на Швајцарија и на Шведска во нашата земја, Сибил Сутер Тејада и Кристин Форсгрен Бенгтсон.
Како што соопшти Министерството за локална самоуправа, на одвоените средби со амбасадорките на Швајцарија и Шведска, Милевски разговарал за тековните проекти и за помошта што Министерството ја дава за нивна реализација во различни општини.
– Потенциравме и за евроинтеграцискиот процес и датумот кој нам ни е важен за влез на нашата земја во Европска Унија. Нашата визија која ја градиме континуирано има за цел децентрализиран и одржлив систем на локалната самоуправа, усогласен со европските стандарди и практики, истакнал министерот за локална самоуправа Милевски.
Министерството за локална самоуправа преку следење на имплементацијата на актуелните и предлагање на нови политики, континуирано се грижи за функционалноста на системот на локалната самоуправа од аспект на спроведување на законските надлежности во функција на испорака на квалитетни јавни услуги за граѓаните, како и за начините на остварување на нивните со закон загарантирани права за директно и индиректно вклучување во процесите на одлучување на локално ниво, се додава во соопштението.