Руска нуклеарна подморница минатата недела се откажала од тестирањето на интерконтинентални балистички ракети на воена вежба која ја следел и претседателот Владимир Путин, објави денеска руското Mинистерство за одбрана.
Нуклеарната подморница К-44 Рјазан, дел од руската пацифичка флота, требало на 17. октомври да лансира две балистички ракети Р-29Р во Охотското море. На крајот, таа успешно лансирала само една ракета, додека другата останала во цевката на подморницата, објави весникот „Ведомости“.
Инцидентот се случил истиот ден кога Путин ги следел вежбите од командниот центар во Министерството за одбрана во Москва.
Акцијата во Охотското море била дел од поширока вежба на руските вооружени сили, позната како „Гром 2019“, со цел да се тестира подготвеноста на силите при евентуален нуклеарен конфликт.
Министерството за одбрана денеска го потврди инцидентот со балистичката ракета, но го отфрли тврдењето на весникот „Ведомости“ дека неуспешното лансирање на втората ракета предизвикало „вонредна состојба“, јавуваат руските новински агенции.
Во вежбите на рускиот далечен исток и далечен север од 15. до 17. октомври учествувале повеќе од 12.000 војници, повеќе од 100 воени летала и пет подморници, соопшти министерството.
Вежбата се одвивала во водите на Баренцовото, Балтичкото, Црното и Охотското море, како и Каспиското езеро.